Министерството за финансии исплати нова транша од 19,4 милиони евра за поддршка на домашните компании
03/10/2025 12:41
Министерството за финансии на Република Македонија објави дека е исплатена нова транша од 1,2 милијарди денари (приближно 19,4 милиони евра) од Централниот буџет кон Развојната банка на Македонија. Овие средства се наменети за поддршка на инвестициските проекти на домашните компании, со цел поттикнување на економскиот раст и развој.
Со оваа исплата, вкупната сума која е исплатена кон домашната економија преку оваа мерка достигна 190,5 милиони евра. Финансиската поддршка се обезбедува под поволни услови преку рамката на унгарскиот заем, кој беше потпишан пред една година со Унгарската експорт-импорт банка.
Во Буџетот за оваа година се предвидени вкупно 250 милиони евра за поддршка на инвестиции. Очекувањата се дека оваа државна поддршка ќе покрене приватни инвестиции во вредност од околу 300 милиони евра. Компаниите имаат пристап до кредити со рок на отплата до 15 години и грејс период до три години. Каматната стапка изнесува 1,95 проценти без дополнителни надоместоци за одобрување, управување и предвремена отплата на средствата. Максималниот износ на кредитот ќе биде до 10 милиони евра во денарска противвредност, а во целиот проект се вклучени сите 13 банки.
Средствата од унгарскиот кредит станаа оперативни откако Владата на седница на 28 јануари годинава донесе одлука за нивно ставање на располагање на компаниите.






