MKinformer

your daily dose of news

Анализа на „Фокус“: Мицкоски подготвува реконструкција, кои министри ќе заминат по Конгресот?

06/11/2025 11:15

Откако првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити беше избран за градоначалник на Чаир, Владата се соочува со потреба да ги пополни испразнетите позиции. Веќе е извесно дека нов прв вицепремиер ќе биде поранешниот министер за здравство Беким Сали, а коалицискиот партнер ВЛЕН допрва ќе го утврди името на новиот министер за екологија.

– Како што најави Меџити, негов наследник ќе биде Беким Сали, а за министер за животна средина сè уште нема конкретно име – изјави портпаролот на ВЛЕН, Дритон Сулејмани.

Овој развој на настаните повторно ја отвори темата за поширока владина реконструкција, која премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја најавува веќе подолго време. Како што анализира новинарот Влатко Стојановски во порталот „Фокус“, овие кадровски промени се очекува да следат по одржувањето на редовниот партиски Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци.

Реконструкција по партискиот Конгрес

Мицкоски уште во јануари годинава изјави дека Владата би можела да претрпи „освежувања“ по завршување на локалните избори и Конгресот, истакнувајќи дека сите членови на Владата ќе бидат предмет на анализа.

„Секогаш може подобро, но сум задоволен од досегашното функционирање на Владата. По Конгресот следува сериозна партиска и владина реконструкција“, изјави тогаш Мицкоски.

Тој повтори дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се подмладува и менува, нагласувајќи дека „никоја функција не е вечна“. Оттаму, очекувањата се дека кадровските промени нема да се ограничат само на пополнување на испразнетите места, туку ќе опфатат и пошироки ротации во Владата.

Можно освежување во повеќе ресори

Според информациите објавени во анализата на „Фокус“, меѓу потенцијалните кандидати за нов министер за екологија се споменува Недим Рама, поранешен шеф на кабинет на Меџити. Неофицијално, во комбинација за замена се и министерот за правда Игор Филков и министерката за образование Весна Јаневска.

Филков неодамна беше во фокусот на јавноста по вербален судир со пратеникот Антонијо Милошоски, кој го обвини за „слаби перформанси“, додека министерот возврати со остра реплика. Ситуацијата ја смири премиерот Мицкоски, кој оцени дека двајцата имале „лош ден“.

Во однос на ова, лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово Максим Димитриевски, чија партија има двајца министри во Владата (Филков и Горан Минчев), изјави дека е целосно задоволен од нивната работа и нема стравувања во однос на реконструкцијата.

Клучните министри веројатно остануваат

Како што дознава „Фокус“, не се очекуваат промени во најважните ресори – финансии, внатрешни и надворешни работи, транспорт и одбрана – кои ги водат Гордана Димитриеска-Кочоска, Панче Тошковски, Тимчо Муцунски, Александар Николоски и Владо Мисајловски, блиски соработници на Мицкоски.

Премиерот, наводно, е задоволен и од работата на министрите Стефан Андоновски (дигитална трансформација) и Златко Перински (локална самоуправа), но не се исклучува можноста за внатрешни ротации меѓу дел од нив.

Сепак, според анализата, вистинската слика за реконструкцијата ќе биде позната дури по Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, кога ќе биде дефинирана и новата партиска структура.

Интересен момент што го нотира „Фокус“ е дека министерката за енергетика Сања Божиновска и министерот за култура Зоран Љутков веќе не се дел од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, иако и понатаму ги извршуваат своите функции во Владата.

Изворната анализа може да ја прочитате тука

error: Содржината е заштитена од копирање !!