MKinformer

your daily dose of news

Ѓорѓиевски: До март уште 80 автобуси, јавниот превоз ќе се стабилизира

10/11/2025 12:22

Од денеска 55 автобуси од приватните превозници повторно се вклучуваат во јавниот градски сообраќај во Скопје, а според најавите, до крајот на годината ќе сообраќаат и дополнителни 20 возила. Целта е да се подобри јавниот превоз во главниот град, кој со месеци се соочува со намален број линии и возила.

Претставникот на приватните превозници, Јовица Зафировски, изјави дека новите автобуси се еколошки, чисти и климатизирани, и изрази надеж дека ќе се подобри возниот ред и дека автобусите ќе пристигнуваат навреме, „како што е наведено на информативните табли“.

На заедничката прес-конференција, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека покрај вклучувањето на постојните приватни автобуси, ќе бидат додадени и нови возила со издадени лиценци, за да се надомести хроничниот недостиг во градскиот превоз.

 „До март следната година, во соработка со Владата и Министерството за транспорт, ќе бидат обезбедени уште 80 нови автобуси“, изјави Ѓорѓиевски.

Новите автобуси беа претставени на паркингот кај салата „Борис Трајковски“, а речиси половина од нив се со странски регистарски таблички, возила увезени од Словенија и Австрија, кои треба да поминат царинска постапка, хомологација, технички преглед и фарбање во црвена боја пред да добијат лиценца за сообраќај во Скопје.

Според податоците од Царинската управа, во септември годинава биле увезени 35 половни и 3 нови автобуси, што е највисока бројка на месечно ниво во 2025 година. Во текот на првите девет месеци од годинава, во земјава вкупно се увезени 221 половен и 6 нови автобуси, додека во 2024 година бројката изнесувала 258 половни и 46 нови возила.

Сепак, за новите автобуси да се вклучат во сообраќај, потребно е Советот на Град Скопје да донесе одлука и да распише јавен оглас. Според актуелната регулатива, нов автобус може да се внесе само ако се повлече стар, кој ќе го отстапи своето место и систем за електронска наплата (валидатори) што ги обезбедува ЈСП.

Во моментов, приватните превозници посочуваат дека долгот на Град Скопје и ЈСП кон нив изнесува околу 180 милиони денари, што и понатаму претставува голем товар за нивното редовно работење.

error: Содржината е заштитена од копирање !!