Скопјани: ЈСП стана секојдневна „авантура“ за патниците
21/07/2026 12:08
Скопјани се жалат на ЈСП: Нередовни автобуси, нехигиена и страв за безбедноста
Јавниот превоз во Скопје повторно е под критики од граѓаните. Корисниците на услугите на ЈСП преку социјалните мрежи споделуваат незадоволство поради нередовни линии, стари автобуси, лоша хигиена, но и однесување на дел од патниците.
Најголем проблем е нередовниот превоз
Граѓаните велат дека најголемиот проблем е непредвидливоста на автобусите. Често, според нив, линиите доцнат или воопшто не се појавуваат, што создава проблеми за оние кои секојдневно патуваат на работа или училиште.
„Со години алармирам и пријавувам, но ништо не се менува. Однапред плаќаме билети, а автобуси нема и мора да бараме алтернативен превоз“, се пожали еден корисник.
Патниците предупредуваат на безбедноста
Дел од скопјани посочуваат дека проблем е и начинот на кој некои возачи управуваат со автобусите.
„Нагло тргнуваат и нагло кочат. Во автобусите има деца, стари лица, бремени жени и лица со помагала. Не може секој да одржува рамнотежа при такво возење“, велат граѓани.
Тие бараат поголемо внимание и одговорност при управувањето со возилата, бидејќи станува збор за превоз на голем број патници секој ден.
Стари автобуси и лоши услови
Граѓаните се жалат и на состојбата на дел од возниот парк, посочувајќи дека некои автобуси се стари, неисправни и без соодветни услови за патување.
„Автобусите бучат, чадат, некои често се расипуваат. Не треба да чекаме да се случи несреќа за да се преземат мерки“, предупредува еден патник.
Проблем е и културата на дел од патниците
Освен на ЈСП, дел од критиките се насочени и кон самите корисници на превозот. Граѓаните велат дека нечистотијата во автобусите често е резултат и на несоодветното однесување на дел од патниците.
„Ниту една фирма не може да исчисти толку колку што може да извалка некултурата. Се остава отпад, се оштетуваат седишта и не се почитува јавниот простор“, коментира еден скопјанец.
Скопјани бараат подобра организација, поредовен превоз, побезбедни автобуси и поголема грижа за јавниот простор, и од институциите и од самите граѓани.






