🛑ВИДЕО – Жители на Ченто без превоз: автобусите 23 и 45 паркирани на последна 45ка
10/03/2026 19:24
Жители на скопската населба Ченто во општина Гази Баба до редакцијата на МК Информер испратија фотографии и видео на кои се гледа дека автобусите со број 23 и 45 во моментот не сообраќаат и се паркирани на последната постојка во населбата, позната како „последна 45-ка“.
Според фотографиите направени во последните половина час, повеќе автобуси се паркирани еден зад друг и не се во движење, со што жителите на Ченто остануваат без јавен превоз во попладневните часови.
Граѓаните велат дека ова не е првпат да се случи ваква ситуација. Пред околу два месеци, жители на населбата реагираа и до редакцијата на порталот „Слободен печат“, кога приватните превозници на линиите 23 и 45 ненадејно престанале со возење.
Тогаш граѓаните изјавија дека во разговор со возачите дознале дека автобусите тој ден нема да продолжат да сообраќаат.
По поплаките, „Слободен печат“ стапи во контакт со претставникот на приватните превозници и сопственик на компанијата „Јофи Турс“, Јовица Зафировски, кој изјави дека нема информација дека автобусите престанале да возат.
„Немам добиено информација дека линиите 45 и 23 престанале со возење. Автобусите број 23 имаа проблем со возењето пред два дена кога падна снег, но потоа немаше проблеми“, изјави тогаш Зафировски.
Иако тогаш проблемот бил краткотраен и автобусите повторно почнале да сообраќаат, денешната ситуација повторно предизвика револт кај жителите на Ченто, кои стравуваат дека автобусите на линиите 23 и 45 ќе доцнат или воопшто нема да пристигнат на постојките според предвидениот возен ред.






