„Турски арач“ во ново руво: Новиот закон ја претвора секоја интернет нарачка во луксуз
13/11/2025 22:14
Во време кога инфлацијата и поскапувањата го истенчија семејниот буџет на најголемиот дел од граѓаните, Собранието подготвува нов удар, воведување данок на мали пратки од странство. Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за данок на додадена вредност, кој денес го помина првото читање во Комисијата за финансирање и буџет, предвидува укинување на досегашното ослободување од ДДВ за пратки до 22 евра.
Со ова, дури и најмалите интернет нарачки од платформи како AliExpress, Temu или Shein ќе бидат оданочени со 18% ДДВ, што за многумина претставува директен удар врз единствената можност да дојдат до поевтини производи.
Заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски, тврди дека измените се воведуваат за да се создаде „појасна правна рамка“ и „пофер услови за стопанисување“. Но, зад технократската реторика се крие нешто сосема друго, а тоа е нова форма на државна пљачка на обичниот народ, налик на старите турски арачи, кои со векови ги цеделе најсиромашните.
Иако Јанкуловски уверува дека личните пратки од физичко лице во странство до 22 евра ќе останат ослободени од ДДВ, најголемиот дел од интернет нарачките ќе подлежат на оданочување. Тоа значи дека секој евтин кабел, облека, играчка или додаток што граѓаните го купуваат поради ниската цена, ќе поскапи за речиси една петтина.
Ваквиот закон нема ништо заедничко со „фер пазарни услови“, туку претставува уште еден политички изговор за прибирање пари од оние кои имаат најмалку.
Додека државата нема храброст да ги допре крупниот олигарси, да ги оданочи луксузните возила, монополите и профитите на богатите, повторно посегнува по џебовите на граѓаните кои нарачуваат евтини производи за неколку евра.
Новите измени, ако бидат усвоени, ќе значат дека секој граѓанин кој ќе нарача предмет од странство вреден и само 2 или 3 евра, ќе мора да плати дополнителен данок, уште еден доказ дека за македонскиот народ, „финансиската правда“ се претвора во празна фраза.
Пишува
Борислав Стоилковиќ






