Неделава не очекува силен циклон: обилни врнежи, ветер над 70 км/ч и ризик од локални поплави
17/11/2025 11:00
Под влијание на интензивен циклонски систем со центар над Џенова, Македонија влегува во период на многу нестабилно и ветровито време, кое ќе трае цела недела. Метеоролозите предупредуваат на засилен, повремено силен јужен ветер, кој локално може да надмине брзина од 70 километри на час, како и на чести и обилни врнежи од дожд проследени со грмежи.
Локално се очекуваат и услови за невреме. На многу места до крајот на неделата ќе наврнат над 50 литри дожд, а во одредени региони количеството може да достигне 80 литри. Најинтензивни врнежи се прогнозираат во западните делови на земјата, каде водниот талог ќе го надмине прагот од 100 литри, а локално може да достигне дури 150 до 200 литри дожд.
Поради ваквата состојба, се очекува значително покачување на нивото на реките и езерата, како и ризик од локални поплави, особено во подрачјата каде дождот ќе биде најинтензивен.
И Скопје и околината ќе бидат зафатени од нестабилно време, со засилен јужен ветер и чести поројни врнежи кои повремено може да бидат придружени со грмежи.
Што се однесува до температурите, тие ќе останат натпросечно високи за овој период од годината, без поголеми промени, поради изразеното јужно воздушно струење.





