MKinformer

your daily dose of news

Царинските служби спречија десетици обиди за нелегален увоз во последните две недели

18/11/2025 18:13

Во изминатите две недели, мобилните царински тимови открија повеќе случаи на криумчарење разна стока на различни гранични премини низ државата. Во акциите биле привремено задржани технички уреди, текстил, делови за возила, фалсификувани производи, па дури и наркотични средства.

На граничниот премин Табановце, при контрола на автобус од линијата Брисел–Скопје, биле пронајдени сокриени два употребувани фотоапарати Sony и Canon со објективи од 50 мм. Вредноста е проценета на 87.300 денари, а избегнатите давачки изнесуваат 20.864 денари. Истиот премин регистрираше и повеќе други случаи: при личен претрес кај сопатничка биле пронајдени 2 грама кокаин, како и 39 парчиња облека и 3 женски чанти сокриени во патничко комбе (вредност 137.000 денари). Во друг случај, цариниците задржаа 57 парчиња облека со вредност од 98.500 денари.

Во Гевгелија, при контрола на стока со потекло од Кина за скопска фирма, биле откриени 662 квадратни метри керамички плочки кои не биле опфатени со царинските документи.

Во близина на граничниот премин Блаце, во товарниот дел од пикап возило биле пронајдени 20 употребувани делови за BMW X5, меѓу кои хауба, браник, амортизери, полуосовини и други делови.

На наплатната станица Петровец, автобус со турски таблици бил испратен на детална контрола, каде што било утврдено дека компресорот за климатизација е испразнет и преуреден за криумчарење стока.

Царинските инспектори на граничниот премин Богородица откриле 11 штеки цигари без акцизни маркички, сокриени под возачкото седиште и во багажникот. Вредноста на цигарите изнесува 12.262 денари, а избегнатите давачки 21.830 денари.

Во два одвоени случаи на граничниот премин Ново Село, биле пронајдени 45 М-ТАГ апарати за патарина и една турбина BorgWarner, со вкупна вредност од околу 140.000 денари.

На преминот Богородица биле задржани 240 пара патики и 59 машки џемпери, од кои дел се сомневаат дека се фалсификувани производи со заштитена трговска марка.

На преминот Дојран, цариниците заплениле 134 текстилни производи и 232 парчиња бижутерија, скриени во ќеси на задните седишта и багажникот.

Царинската управа информира дека сите случаи се процесирани согласно законските процедури, а дел од стоката е задржана поради сомневање за повреда на права од интелектуална сопственост, додека кај другите ќе следуваат соодветни прекршочни и кривични постапки.

error: Содржината е заштитена од копирање !!