Говор на омраза и закани со оружје: Обвинение против 32-годишник и уште две лица
30/11/2025 19:23
Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинение против три лица поради сериозни закани и говор на омраза упатени кон градоначалникот на Кавадарци. Првообвинетиот, 32-годишен маж со македонско и бугарско државјанство, се товари за кривично дело Загрозување на сигурноста и за продолжено дело Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем. Второ и третообвинетиот се гонат за делови од заканите кои ги пренесувале или поддржувале.
Според обвинението, првообвинетиот подолг период на неговиот Фејсбук профил објавувал навреди, вознемирувачки содржини и повици за насилство насочени кон градоначалникот, поттикнувајќи омраза, по политичка и социјална основа. Тој јавно објавувал фотографии од градоначалникот и неговите малолетни деца, упатувајќи закани и кон нив, а како „потврда“ за сериозноста објавувал видеа во кои пукал со автоматска пушка и пиштол.
Од јули годинава, обвинетиот почнал и телефонски да контактира со градоначалникот, лично и преку пораки, повторувајќи ги заканите по неговиот и по животот на неговото семејство.
Второобвинетиот, според обвинението, телефонски пренесувал дел од заканите во име на првиот обвинет. Третиот обвинет, пак, со свои коментари на Фејсбук дополнително упатувал закани за убиство кон градоначалникот.
Обвинителството проценува дека кај првообвинетиот постои реален ризик од бегство и можност за повторување на делото. Поради тоа, поднесен е посебен предлог до судијата за претходна постапка при Основниот суд во Кавадарци за определување мерка притвор.




![Алармантна низа случаи на насилство врз жени: Повеќе пријави за физички напади, закани и вознемирување во еден ден semejno-nasilstvo[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/semejno-nasilstvo1.jpg)

