АНБ и МВР истражуваат 20 портали за говор на омраза
08/07/2026 10:22
Дваесетина портали со домен .tv под истрага на АНБ и МВР за поттикнување тензии меѓу Македонија и Бугарија
Проверките се однесуваат на содржини поврзани со уставните измени, говор на омраза и прокси активности на држава надвор од НАТО
Истрага за говор на омраза и хибридни активности
Дваесетина веб-портали регистрирани во Македонија, меѓу кои и неколку со интернационалниот домен .tv, се дел од истрагата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Министерството за внатрешни работи (МВР) поради сомневање дека се користат за организирано ширење говор на омраза и поттикнување тензии преку содржини поврзани со односите меѓу Македонија и Бугарија, особено за уставните измени, потврдија за Телма разузнавачки извори.
Истрагата е отворена уште во март, а викендот за неа објави веб-порталот Скопје1. Со истрагата се опфатени и 20-тина ФБ профили на организации и поединци, како и повеќе YouTube канали.
МВР: Ќе постапиме доколку има елементи на кривично дело
Од МВР потврдија дека постапуваат по индиции за портали и профили на социјалните мрежи за кои има сомнение за сторено кривично дело „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.
„Доколку се утврди дека има елементи на кривично дело, Министерството ќе постапи во согласност со своите законски надлежности и ќе преземе соодветни мерки“, одговорија од МВР.
Од Обвинителството, пак, велат дека до нив засега нема пријава за таков случај.
Проверки за прокси активности на држава надвор од НАТО
Проверките и сомнежите се однесуваат на начинот на финансирање на определени активности кои се поврзани со прокси активности на држава која не е членка на НАТО, а делува преку бугарски поединци и групи.
Истрагата утврдува дали и на кој начин тие организации, веб-медиуми и профили на социјални мрежи се поврзани со центри во Софија, како и со поединци кои веќе имаат забрана за влез во Македонија.
Продолжува истрагата за памфлети и пораки за уставни измени
Во Обвинителството сè уште е во тек истрагата за скопјанец кој меѓу двата лански изборни круга делел памфлети и лепел пораки за уставни измени на јавни места.
Тој е осомничен дека бил дел од мрежа на протераниот бугарски државјанин и, како што соопшти АНБ, спроведувал „пропагандни активности, со цел поттикнување омраза, нетрпеливост и насилство помеѓу македонските и бугарските граѓани во двете земји, од позиција на недржавен прокси актер во функција на хибридно поткопување на стратешките евро-интегративни процеси на Македонија и загрозување на европската безбедност“ .
Со соопштението беше посочена и ФБ група која е опфатена со истрагата.






