Еден осомничен за ширење омраза кон македонската држава и идентитет
04/03/2026 16:19
Основното јавно обвинителство Скопје отвори предмет по поднесена кривична пријава од Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи, против едно лице осомничено за кривично дело „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, предвидено во член 394-г од Кривичниот законик.
Според информациите од обвинителството, осомничениот преку специјално креирана страница на социјалната мрежа Фејсбук споделувал содржини кои поттикнувале национална и етничка дискриминација, со што ширел говор на омраза насочен кон македонската држава и идентитет.
По претходни сознанија на Агенцијата за национална безбедност, полициски службеници извршиле претрес кај осомничениот, при што бил одземен пропаганден материјал. Според истрагата, 30-годишниот скопјанец го отпечатил материјалот со намера да го дистрибуира на територијата на државата.
Од обвинителството наведуваат дека осомничениот бил поттикнат од бугарски државјанин, кој подолг период преку социјалните мрежи и различни интернет портали објавувал содржини со цел поттикнување омраза, нетрпеливост и насилство.
Јавното обвинителство, во координација со другите надлежни институции, продолжува со преземање на истражни дејствија за обезбедување дополнителни докази во случајот.


![Пoднeceн oбвинитeлeн aкт пpoтив ocyм лицa, пpипaдници нa ИCИC policija-mk-777x437-225346[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/policija-mk-777x437-2253461.jpg)



