MKinformer

your daily dose of news

Изборната комисија на Косово не дозволи Српска листа за изборите на 28 декември – силни реакции од ОБСЕ, Британија и ЕУ

03/12/2025 13:06

Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) не ја сертифицираше Српска листа, најголемата партија на косовските Срби, за предвремените парламентарни избори закажани за 28 декември. Предлогот за нејзино сертифицирање доби само 2 гласа „за“, 2 „против“ и 7 „воздржани“, поради што партијата остана без зелено светло за учество.

Српската листа има можност да поднесе жалба до Комисијата за изборни приговори и жалби (ЕКАП), која и во претходните два случаи – за парламентарните избори од февруари и локалните избори од октомври – ја поништи одлуката на ЦИК.

На седницата, членовите на движењето „Ветевендосје“, Сами Куртеши и Албан Красниќи, беа единствените кои гласале против сертифицирањето.
Куртеши изјави: „Секогаш сум велел дека оваа партија работи против интересите на Косово“.

Другите албански политички претставници во ЦИК се воздржаа од гласање.

Одлуката предизвика силни реакции на меѓународната сцена. Мисијата на ОБСЕ во Косово ја оцени како отстапување од меѓународните изборни стандарди и директно нарушување на правото на политичко учество.

Британскиот амбасадор Џонатан Харгривс предупреди дека ваквите чекори „можат да го уништат тешко стекнатиот углед на Косово како мултиетничка демократија“, и најави дека очекува ЕКАП да ја преиспита одлуката.

Своја реакција даде и Европската Унија, која изрази жалење и оцени дека потегот ја демонстрира политизацијата на изборниот процес од страна на движењето Самоопределување и други партии, спротивно на основните принципи за фер и инклузивни избори.

Следните чекори ќе зависат од одлуката на ЕКАП, која во минатото двапати решила во корист на Српска листа.

error: Содржината е заштитена од копирање !!