Секој трет граѓанин дал мито – корупцијата останува сериозен системски проблем во Македонија
04/12/2025 17:10
Најновиот извештај за проценка на корупцијата на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) открива загрижувачки тренд: секој трет граѓанин во Македонија дал одреден вид мито за да заврши некаква работа, а на 37% им било побарано мито. Податоците ги презентираше директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, на настан посветен на Меѓународниот ден за борба против корупцијата – 9 декември.
Кржаловски истакна дека, иако години наназад корупцијата беше перципирана како најголем општествен проблем, сега се наоѓа на второ место – но притисокот и распространетоста растат.
„Корупцијата е тежок проблем, широко распространет и за жал доста прифатен,“ нагласи тој.
Најниско доверба кај судиите и обвинителите
Според податоците, судиите и обвинителите се најниско рангирани кога станува збор за доверба и како личности и како институции. Политичарите имаат ниска доверба, но интересно е што Парламентот како институција е оценет повисоко.
Во однос на антикорупциските тела:
-
ДКСК задржува доверба од 32%,
-
МВР бележи раст на довербата до 50%.

ЕУ: Борбата против корупцијата бара силна политичка волја
Заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау, порача дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува земјата, но клучни остануваат домашните политички лидери.
Според него,
„Борбата против корупцијата бара силна политичка заложба и континуирана работа, од највисоко ниво до сите институции.“
Тој потсети дека во последниот извештај на Европската комисија третa година по ред нема напредок во борбата против корупцијата, а потребни се реформи, нов Кривичен законик и целосна независност на правосудството.
Амбасадорите: Корупцијата ја подрива државата
Швајцарскиот амбасадор Кристоф Зомер истакна дека корупцијата:
„го попречува одржливиот развој и ја руши довербата во институциите“, додавајќи дека се потребни длабоки системски промени.
Шведскиот амбасадор Ола Сулстром рече дека
„корупцијата е болест на општеството“, која ги исцрпува јавните ресурси и ги демотивира младите да ја градат својата иднина дома.
Претставникот на ОБСЕ, Едвард Андерсон, предупреди дека за ефективна борба се потребни професионалци кои ќе ги движат процесите, бидејќи перцепцијата за цели институции може да се наруши дури и со неправилно постапување на само еден службеник.






