МВР издаде над 6.000 казни за девет дена, a 44 лица лишени од слобода за безобѕирно возење
10/12/2025 12:13
Во периодот од 1 до 9 декември 2025 година, полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи спровеле интензивни сообраќајни контроли на патиштата низ државата, при што биле издадени вкупно 6.151 платен налог, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според официјалните податоци, 1.573 прекршоци се однесувале на непочитување на пропишаната брзина на движење, што повторно ја потврдува оваа појава како една од најчестите причини за сообраќајни незгоди.
Во рамки на контролите, 44 лица биле лишени од слобода за безобѕирно управување со возило согласно член 297-а од Кривичниот законик. Од нив, 33 возачи биле фатени под дејство на алкохол, двајца управувале возило во забранет правец, пет лица возеле со брзина поголема од дозволената во населено место, а четири лица ја надминале дозволената брзина надвор од населено место.
Понатаму, евидентирани се 1.511 прекршоци за непрописно паркирање, додека 620 мерки биле изречени за управување на возило без возачка дозвола. Полициските службеници санкционирале и 39 возачи за минување на црвено светло, како и 32 прекршоци сторени од пешаци.
Во истиот период, изречени се 173 санкции за возење под дејство на алкохол, 349 казни за некористење сигурносен појас и 214 мерки за користење мобилен телефон при управување со возило.
Согласно Законот за возила, од сообраќај биле отстранети 119 нерегистрирани возила, како и 62 возила поради техничка неисправност. Дополнително, изречени се мерки и за 28 возачи поради затемнети стакла, односно неправилно вградени фолии.
Од МВР најавуваат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел зголемување на безбедноста на патиштата.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.




