Историски пресврт: Зеленски подготвен да се откаже од НАТО за крај на војната со Русија?
14/12/2025 20:54
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина е подготвена на сериозен стратешки компромис – откажување од членството во НАТО, доколку западните партнери обезбедат цврсти и долгорочни безбедносни гаранции. Овој чекор, според него, може да биде клучен за ставање крај на војната со Русија.
„Украина е подготвена да се откаже од својата апликација за членство во НАТО, доколку Соединетите Американски Држави и Европската Унија понудат силни и јасни безбедносни гаранции во рамки на мировните преговори“, изјави Зеленски во интервју за „Фајненшл тајмс“.
Тој прецизираше дека станува збор за билатерални договори со САД, со безбедносни обврски слични на Членот 5 од НАТО, како и дополнителни гаранции од европските сојузници и други партнерски држави, меѓу кои Канада и Јапонија.
Во меѓувреме, специјалниот американски пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зет и советник на американскиот претседател Доналд Трамп, денеска пристигнаа во Берлин како дел од американската делегација вклучена во разговорите за украинскиот мировен процес.
Извори од германската влада за весникот „Билд“ наведуваат дека разговорите со украинската делегација ќе траат два дена, при што денес се очекуваат прелиминарни средби со советници за надворешна политика од САД, Украина и европските земји.
Средбата меѓу германскиот канцелар Фридрих Мерц и претседателот Зеленски е закажана за утрешната вечер и се оценува како една од клучните во тековните дипломатски напори за прекин на конфликтот.





