MKinformer

your daily dose of news

Анкетен лист на Лукровски: Станови, акции во Алкалоид и „непознато оружје“

16/12/2025 19:44

Новиот градоначалник на општина Карпош, Сотир Лукровски, избран од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на последните локални избори, го достави својот анкетен лист до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), кој отвора повеќе прашања за имотната состојба на првиот човек на општината.

Лукровски, кој пред влезот во локалната власт бил дел од македонскиот фармацевтски гигант „Алкалоид“, како член на „Алкалоид Конс“, пријавил дека поседува стан од 84 квадратни метри во општина Карпош, кој, според анкетниот лист, го добил како подарок во 2012 година.

Дополнително, градоначалникот пријавил уште два стана во населбата Глуво – Бразда, општина Чучер Сандево, и тоа еден од 98 квадратни метри и друг од 125 квадратни метри, со што вкупниот станбен имот кој го поседува надминува 300 квадратни метри.

Во делот за подвижен имот, Лукровски навел дека поседува два автомобили, „Шевролет Калос“ и „Шкода Фабија“, како и оружје, чија вредност е проценета на 52.000 денари, но без прецизирање за каков тип оружје станува збор, што отвора дилема околу транспарентноста на пријавените податоци.

Посебно внимание привлекува и фактот што Лукровски пријавил 65 акции во „Алкалоид“, кои според актуелната пазарна вредност на акцијата, надминуваат 1,5 милиони денари, односно повеќе од 25.000 евра.

Иако формално анкетниот лист е доставен согласно законската обврска, останува отворено прашањето дали јавноста добива целосна и детална слика за имотната состојба на градоначалникот, особено имајќи предвид дека станува збор за избран функционер кој раководи со една од најатрактивните и финансиски најмоќни скопски општини.

Транспарентноста и отчетноста се темелни принципи на локалното владеење, а ваквите имотни пријави, наместо да ја зајакнат довербата, повторно ја отвораат дебатата за концентрацијата на имот кај политичките функционери и нивната реална оддалеченост од секојдневието на граѓаните.

error: Содржината е заштитена од копирање !!