11 приведени, 33 под истрага за милионски криминал со местење тендери во ЕСМ и перење пари
19/12/2025 15:42
Јавното обвинителство денеска соопшти дека се приведени 11 лица, а против вкупно 33 осомничени е отворена истрага за економско-финансиски криминал, перење пари и злосторничко здружување. Акцијата била спроведена во ноќта меѓу 17 и 18 декември, како и вчера, под раководство на обвинител од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, со учество на полициски тимови од Одделот за организиран и сериозен криминал.
Претреси и активности биле извршени на повеќе локации во Скопје и околните општини, како и во Куманово, Неготино, Велес, Пехчево, Пробиштип и Кочани, при што 11 лица биле лишени од слобода.
Обвинителството поведе истражна постапка против 33 лица за кривично дело „Злосторничко здружување“. Седум лица се осомничени како помагачи или поттикнувачи за продолжено дело „Злоупотреба на постапка за јавен повик, јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, 12 лица за продолжено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“, а 20 лица се товарат за „Перење пари“ како соизвршители.
Според истрагата, во 2023 година тројца вработени во „ЕСМ Дистрибуција на топлина“ и четворица управители или сопственици на две фирми создале група со цел да влијаат врз постапки за јавни набавки. Преку однапред координирана техничка спецификација за тендер за „СКАД ормари со ГСМ контролор“, тие овозможиле една фирма од Скопје да го добие договорот со речиси иста понуда како проценетата вредност – иако таа не била јавно објавена.
Со ова биле нанесени штети кон буџетот на ЕСМ Дистрибуција во вредност од 472.470.407 денари (7.68 милиони евра).
Понатаму, од 2023 до 2025 година, дел од осомничените пуштиле во оптек 125.556.930 денари (околу 2.04 милиони евра) со намера да го прикријат нивното потекло, со што е извршено делото перење пари.
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ги прифати предлозите на обвинителството: седум лица добија мерка притвор, а за шест се изречени мерки за обезбедување присуство.






