Франкфурт воведе ноќно такси со попуст за жени за поголема безбедност
20/12/2025 17:06
Градот Франкфурт официјално ја воведе услугата ноќно такси со субвенционирана цена за жени и девојки, како дел од мерките за подобрување на нивната безбедност во вечерните и ноќните часови. Според германскиот весник Welt, програмата стапува во сила веднаш и е наменета за жени постари од 14 години, кои ќе можат поевтино и побезбедно да патуваат дома во периодот од 22:00 до 06:00 часот.
Попустот се реализира преку ваучери вредни 6 евра по возење, кои се издаваат на станицата „Insel für Klima und Nachhaltigkeit“, односно Главната железничка станица во Франкфурт. Секоја жена може да добие до шест ваучери годишно, а во следните фази се планира нивна достава по пошта или во дигитална форма. Ваучерите важат само за возења во рамките на градските граници.
Мерката има цел да го намали ризикот од непријатности и ситуации со кои жените се почесто се соочуваат навечер, особено во периоди кога јавниот превоз е редуциран или не функционира.
Франкфурт се приклучува на примерот на неколку германски градови како Минхен, Манхајм и Келн, каде веќе функционираат слични програми. Во Минхен, на пример, жените добиваат ваучери од околу 10 евра за ноќни такси-возења, мерки што локалните стручњаци ги оценуваат како значаен придонес за подобрување на нивната безбедност.






