ТИТАН Усје: Обвинувањата за загадување се неосновани и не се поткрепени со научни податоци
21/12/2025 8:14
ТИТАН Усје реагираше на јавните критики и соопшти дека целосно ги отфрла обвинувањата за наводно влијание врз загадувањето, посочувајќи дека тие се „невистинити и не се засноваат на измерени научни податоци“. Според компанијата, повторно се користи како изговор за проблеми чии реални причини треба да се бараат на друго место.
Од ТИТАН Усје истакнуваат дека нивното работење е под постојан, 24-часовен независен мониторинг и дека податоците се јавно достапни, редовно доставувани до институциите, медиумите и невладините организации.
Компанијата наведува дека сите досегашни резултати покажуваат усогласеност со законските ограничувања. Последната контрола, спроведена на 18 декември 2025 година од Државниот инспекторат за животна средина, утврдила дека „нема отстапувања од законски дозволените лимити“.
ТИТАН Усје посочува дека работи согласно А-еколошката дозвола под надзор на Министерството за животна средина, каде прецизно се дефинирани параметрите за заштита на околината.
Во реакцијата дополнително се нагласува дека поврзувањето на фабриката со загадувањето на воздухот е „целосно неосновано“, бидејќи се темели на податоци од софтверски апликации кои не користат верификувани методи за ваков тип мерења и не се признаени како релевантни ниту во земјава ниту во ЕУ.
Компанијата додава дека ќе продолжи да работи транспарентно и во согласност со сите законски стандарди и обврски.





