MKinformer

your daily dose of news

Протести пред Владата во Тирана: Демократската партија најави продолжување до пад на владата

22/12/2025 23:03

Протести пред Владата во Тирана: Демократската партија најави продолжување до „падот на владата на Рама“

Во организација на Демократска партија, вечерва пред зградата на Владата во Тирана се одржа првиот од серијата национални протести, кои, како што беше порачаано, ќе продолжат сè до „уривање на нарко-владата на Еди Рама.

Пред насобраните граѓани се обратија претставници на повеќе опозициски партии, кои заеднички порачаа дека протестот означува почеток на, како што рекоа, „историска мисија за ослободување на Албанија“, со цел формирање техничка влада и организирање слободни и фер избори.

Централно обраќање имаше лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, кој беше пречекан со скандирања и овации од присутните. За време на неговиот говор дел од демонстрантите фрлаа молотови коктели и пиротехнички средства кон владината зграда, по што интервенираше и противпожарно возило.

Протестантите направија обид да го пробијат полицискиот кордон, при што беше откорнат дел од металната заштитна ограда. Според првичните информации, во инцидентите е повреден еден полициски службеник.

Во својот говор, Бериша упати сериозни обвинувања кон премиерот Рама и членовите на владата за корупција и поврзаност со организиран криминал и трговија со дрога. Тој ги повика граѓаните масовно да се приклучат на протестите, оценувајќи ги како „битка за иднината на Албанија и Албанците“.

Бериша изјави дека оваа борба е „животна шанса“ за секој граѓанин и повлече паралели со падот на влади во други земји, наведувајќи примери како Бангладеш, Непал и Шри Ланка. Во остар тон, тој порача дека владата и Социјалистичката партија се, како што рече, „политички мртовци“.

Протестот се одржа под засилено полициско обезбедување, со ангажман на околу 1.500 полициски службеници од повеќе сектори. Пред владината зграда беа поставени метални заштитни бариери, а превентивно беа отстранети новогодишната елка и украсните вазни од просторот пред објектот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!