Нови измени на Кривичниот законик отвораат простор за поширока амнестија за корупција
23/12/2025 23:24
На денешната јавна дебата за предложените измени на Кривичниот законик, организирана од Балкански центар за конструктивни политики „Солуција“, беше изразена сериозна загриженост дека новите законски решенија може да доведат до уште поширока амнестија за коруптивни кривични дела. Измените се предложени од група пратеници од владејачкото мнозинство, предводено од ВМРО-ДПМНЕ.
Евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас, порача дека е неопходен јасен политички и општествен консензус дека измените ќе водат кон европски стандарди, отчетност и владеење на правото.
– „Нема граѓанин кој смета дека неказнивоста е прифатлива. Луѓето бараат правда и ред. Процесот и измените ќе бидат внимателно следени“, истакна Рокас.
Од власта посочија дека измените се привремено решение, произлезено од одлуката на Уставен суд од февруари, со која на Собранието му беше наложено до крајот на годината да го измени Законикот.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, нагласи дека општеството има „суфицит на неказнивост и дефицит на одговорност“.
„Сега ќе треба да ја слушнеме експертската јавност и да видиме дали пратениците ќе ги штитат граѓанските интереси или повторно некого ќе заштитат“, рече Костадиновски.
Остро реагираше и обвинителката Ленче Ристоска, која оцени дека предложените измени фактички легализираат сериозни злоупотреби.
„Со санкционирање само на одредени дејствија во јавните набавки, сите други повреди се легализираат. Со бришењето на член 353-в се амнестираат министри, директори, полицајци и други службени лица“, предупреди таа, доведувајќи ја во прашање искреноста на намерите на предлагачите.
Сериозна реакција упати и Платформа за борба против корупцијата, која оцени дека измените не ја враќаат состојбата пред 2023 година, туку воведуваат нови и ризични концепти. Оттаму бараат измените да се ограничат исклучиво на претходните решенија, да се повлечат одредбите за проширена конфискација без судска осуда, да не се стеснува поимот „корист“ и да се обезбеди јавна и стручна расправа.
Клучни спорни точки според антикорупциските организации:
Проширена конфискација (член 98-а):
Се овозможува одземање имот без утврдена кривична одговорност и судска осуда, што го загрозува правото на сопственост, презумпцијата на невиност и правната сигурност.
Злоупотреба на службена положба (член 353):
Поимот „корист“ се сведува само на имотна корист, со што се исклучуваат влијание, фаворизирање и други форми на корупција. Намалувањето на казните води и кон побрзо застарување на предметите.
Несовесно работење во службата (член 353-в):
Со бришењето на заштитната одредба постои ризик сериозни службени пропусти да останат неказнети.
Антикорупциските организации предупредуваат дека без темелна јавна расправа и суштински измени, предложените законски решенија сериозно ја поткопуваат борбата против корупцијата и владеењето на правото.






