Продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани
25/12/2025 10:11
Денеска во судницата во Идризово, при Основен кривичен суд Скопје, продолжува судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Во рамки на главната расправа, сè уште траат воведните обраќања на одбраната, а пред судот денеска треба да се изјасни Александар Нацев, кој според обвинителството имал улога на неформален, односно фактички сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, фирмата која била задолжена за обезбедувањето на ноќниот клуб.
Покрај неговото изјаснување, пред судот ќе се обратат и бранителите и законските претставници на двете обвинети правни лица – „ММММ КАФЕ“ ДООЕЛ Кочани и „РУБИКОН СЕКЈУРИТИ СОЛУШНС“.
Досега, ниту еден од обвинетите во своите воведни обраќања не признал вина за кривичните дела кои им се ставаат на товар од страна на обвинителството.
По завршувањето на воведните обраќања на одбраната, судскиот процес треба да продолжи со сослушување на сведоци, како и со изведување на доказната постапка од страна на јавните обвинители.
Пожарот што се случи на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на државата. Во несреќата животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.



