НАСА првпат евакуира екипаж од МВС поради здравствен проблем
09/01/2026 10:55
НАСА соопшти дека четири члена на екипажот на Меѓународна вселенска станица (МВС) ќе се вратат на Земјата порано од планираното, поради здравствен проблем кај еден од астронаутите. Ова претставува прва ваква контролирана медицинска евакуација во историјата на орбиталната лабораторија.
Од американската вселенска агенција не открија детали за природата на здравствениот проблем, но информираа дека астронаутот, чие име не беше објавено, се чувствува добро. Главниот медицински и здравствен службеник на НАСА, Џејмс Полк, изјави дека „продолжениот ризик“ и „неизвесноста околу дијагнозата“ биле клучни за одлуката за предвремено враќање, нагласувајќи дека не станува збор за итна евакуација.
Четиричлениот екипаж на мисијата Crew-11, меѓу кои и еден руски космонаут, ќе се врати на Земјата во наредните денови.
„Ова е првпат да спроведеме контролирана медицинска евакуација од станицата“, изјави високиот функционер на НАСА, Амит Кшатрија.
Мисијата требаше да трае уште шест месеци
Американските астронаути Зена Кардман и Мајк Финке, јапонскиот астронаут Кимија Јуи и рускиот космонаут Олег Платонов пристигнаа на МВС во август и првично беше планирано да останат околу шест месеци.
За време на мисијата, екипажот работеше на симулации на сценарија за слетување на Месечината, како дел од програмата Artemis, американската иницијатива за враќање на човекот на Месечината.
Изградена во 1998 година и континуирано населена од 2000 година, Меѓународната вселенска станица претставува клучна истражувачка платформа за проучување на микрогравитацијата и подготовка за идни мисии, вклучително и потенцијални патувања кон Марс, во соработка со партнери како Роскосмос.






