MKinformer

your daily dose of news

СОЦИЈАЛЕН ТЕАТАР: КОЈ ГЛУМИ ЗА КАМЕРИ, А КОЈ ПРЕЖИВУВА?

03/02/2026 0:31

Ако ги следите вестите, ќе помислите дека Македонија е во епицентарот на историска борба за работнички права.
Во реалноста, гледаме евтин политичко-синдикален театар.

И, како и секогаш, сметката ја плаќаат тие што немаат глас, работниците.
Од една страна е ССМ, со драматични настапи, ултиматуми без покритие, закани за генерален штрајк и прес-конференции во празни сали.
Од другата – Владата, со ароганција, потсмев и бирократски цинизам од типот „не знаеме кого чекал синдикалниот лидер“.
Додека тие се надвикуваат и надмудруваат пред камерите, минималната плата е понижувачка, а животот станува сè поскап.
Театарот трае. Бедата расте.

ССМ: МНОГУ ЗБОРУВАЊЕ, МАЛКУ ИНВЕНТИВНОСТ И ДЕЛУВАЊЕ

Да бидеме јасни, барањата на ССМ не се нереални.
600 евра минимална плата? Потреба, не луксуз.
Покачување на платите? Неминовност.

Но синдикат што се бори со микрофон, а не со стратегија, не е синдикат, туку лош ПР.

Кога „борбата“ се сведува на закани без план и идеа, етикетирање на други синдикати и глумење опозиција, тогаш не се штитат работници, се градат лични амбиции.

Работниците не живеат од патетика.
Ниту од прес-конференции.
Тие живеат од плата, а платата не расте од празни ултиматуми.

Синдикален лидер кој сака да биде политички актер, престанува да биде синдикалец.
А кога тоа ќе се случи, работниците остануваат сами.

ВЛАДА: АРОГАНЦИЈА СО ИДИОТИЗАМ „НЕМА ПАРИ“ 

Но Владата нема ама баш никакво право да се прави недопирлива и наивна како невеста.

„Нема пари“ е најевтиниот и најкукавичкиот изговор.
Истите тие пари магично се појавуваат за кампањи, советници, тендери, привилегии и расфрлања.

Кога минималната плата се коригира за 20 или 30 евра, а цените растат двојно повеќе, тоа не е стабилност, туку организирана социјална измама.

Владата зборува за „реалност“, но не ја знае реалноста на касиерката што брои денови до плата.
Не ја знае реалноста на возачот, текстилниот работник, мајката што бира меѓу сметка и храна.

Тоа не е владеење.
Тоа е одлепеност од народот.

ДВЕ ЕГА – ЕДНА БЕДА

Кога ќе се судрат два его-трип лидери,
еден што сака да изгледа како „револуционер“,
а друг што се глуми „рационален управувач“,
резултатот е хаос.

А во средината стои народот со најниска плата во регионот.

Ако синдикатите не престанат да глумат политика и не почнат вистинска, долгорочна и организирана борба, тие се соучесници.
Ако Владата продолжи да ја третира платата како милостиња, таа си копа сопствена јама.

Ова можеби е театар денес.
Но утре може да стане нешто многу поопасно.

Затоа што гладниот народ нема трпение.
И нема што да изгуби.

Пишува
Борислав Стоилковиќ
Уредник во МК Инфомер

error: Содржината е заштитена од копирање !!