Гренланд јасно до САД: Не прифаќаме преземање, очекуваме одбрана од НАТО
13/01/2026 11:17
Владата на Гренланд соопшти дека ќе ги засили напорите за обезбедување на одбраната на островот под покровителство на НАТО, уште еднаш категорично отфрлајќи ја амбицијата на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на стратешки важната територија.
Трамп во повеќе наврати изјави дека САД мора да го „поседуваат“ Гренланд со цел да спречат можна окупација од страна на Русија или Кина, нагласувајќи ја неговата стратешка позиција и богатството со минерални ресурси.
Во реакција на ваквите изјави, европскиот комесар за одбрана Андриус Кубилиус предупреди дека евентуално американско преземање на Гренланд би значело сериозен удар, па дури и крај на НАТО, потсетувајќи дека земјите-членки на ЕУ имаат обврска за меѓусебна помош во случај на воена агресија.
„Сите членки на НАТО, вклучително и САД, имаат заеднички интерес во одбраната на Гренланд. Како дел од данскиот комонвелт, Гренланд е во рамките на НАТО и затоа неговата одбрана мора да биде под Алијансата“, соопшти коалициската влада на островот, потенцирајќи дека во никој случај не може да се прифати американско преземање.
Идејата за купување или преземање на Гренланд Трамп првпат ја изнесе во 2019 година, за време на неговиот прв мандат, а реториката дополнително ја засили по неговото враќање во Белата куќа пред една година, при што не ја исклучи ниту воената опција.
Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, порача дека островот останува цврсто посветен на меѓународното право.
„Ние сме демократско општество кое носи свои одлуки. Нашите постапки се темелат на меѓународното право“, изјави Нилсен.
Во меѓувреме, најавено е дека дански и американски претставници ќе одржат средба оваа недела, на која главна тема ќе биде статусот и безбедноста на Гренланд.





