MKinformer

your daily dose of news

Европски специјални сили пристигнаа во Гренланд по пропаднатиот самит во Вашингтон

15/01/2026 13:09

Само неколку часа по неуспешниот самит за Гренланд во Вашингтон, првите специјални сили и извидувачки единици од Европа пристигнаа на островот во текот на ноќта кон четвртокот, објавуваат германските медиуми.

Дански воен транспортен авион „Херкулес“ слета на цивилниот аеродром во главниот град Нук, по што два автобуси се упатиле кон Арктичкиот команден центар на данските вооружени сили. Според германскиот весник „Билд“, меѓу припадниците на мисијата има дански, но и француски офицери и војници.

Од Берлин беше соопштено дека целта на распоредувањето е „истражување на можен воен придонес што би ја поддржал Данска во гарантирањето на безбедноста во регионот“, особено во делот на поморскиот надзор и арктичките капацитети.

Според информациите, војници од Холандија, Канада, Шведска, Велика Британија и Норвешка исто така се упатиле кон Гренланд.

Германските медиуми наведуваат дека операцијата е координирана директно од Копенхаген, а не преку структурите на НАТО. Причината е што нордиските земји во Алијансата, вклучително и Гренланд, формално потпаѓаат под командата на штабот во Норфолк, САД, додека оваа операција се реализира без учество на Американците.

Во Германија, дејствието се спроведува под надлежност на Министерството за одбрана, со водечка улога на Канцеларијата на канцеларот.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп во изминатите недели повеќепати изјави дека има намера САД да ја преземат контролата врз Гренланд, повикувајќи се на безбедносни ризици и наводни закани од Русија и Кина. Американската администрација дури не ја исклучи можноста за присилно преземање на островот.

Средбата меѓу претставници на Данска, Гренланд и САД во Вашингтон во средата не донесе договор за идните чекори. Данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен изјави дека двете страни имаат „различни ставови“, додавајќи: „Се согласуваме дека не се согласуваме“.

Сепак, постигнат е договор за формирање работна група на високо ниво со цел да се испита можноста за заеднички пристап.

Гренланд е автономен дел од Кралството Данска и како таков е под безбедносната рамка на НАТО. Владата во Копенхаген категорично ја отфрла можноста САД да го преземат островот, став што јасно го поддржа и германската влада. Сепак, германскиот канцелар Фридрих Мерц и министерот за одбрана Борис Писториус изјавија дека сакаат заеднички со САД да го обезбедат Арктикот од потенцијални закани, но исклучиво во рамките на НАТО.

error: Содржината е заштитена од копирање !!