MKinformer

your daily dose of news

Хрватска ги поддржа камионџиите од Македонија:ЕУ мора да најде решение, се создава хаос на границите и економска штета

29/01/2026 12:08

Хрватскиот министер за транспорт Олег Бутковиќ изјави дека мора итно да се најде решение за возачите на камиони од земјите надвор од Европската Унија, кои поради правилото за престој од 90 дена во период од 180 дена не можат непречено да работат во ЕУ, што доведе до протести, блокади и големи сообраќајни метежи на граничните премини, јави Хина.

Запрашан за сериозните застои на границата со Србија и можните решенија, Бутковиќ по потпишувањето на договорот за доделување грантови за автобуси на алтернативен погон изјави дека проблемот е навреме најавен и од регионот.

„Вчера ме посетија вицепремиерот на Владата на Македонија и министерот за транспорт, а минатата недела и министерот од Босна и Херцеговина, кој предупреди дека сообраќајот може да биде целосно блокиран“, изјави Бутковиќ.

Тој оцени дека актуелната состојба е штетна за сите.

„Тоа дефинитивно не е добро. Тоа е загуба за економиите на трети, соседни земји, но и за хрватската економија. Ме контактираа и компании кои велат дека блокадите им оневозможуваат нормално работење и претставуваат сериозна пречка“, нагласи хрватскиот министер.

Според него, суштината на проблемот е во строгата примена на правилото за престој.

„Поентата е дека возачите не можат да останат во земјите-членки на ЕУ повеќе од 90 дена во период од 180 дена и мислам дека тука треба да се најде одредено решение и компромис“, рече Бутковиќ.

Тој додаде дека хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ веќе остварил контакт со Европска комисија.

„Го изразивме нашиот став за можен компромис и предложивме да се најде решение за што поскоро прекинување на овие блокади“, истакна Бутковиќ.

Изјавата на хрватскиот министер доаѓа во момент кога превозници од земјите на Западен Балкан протестираат на граничните премини кон шенген-зоната, предупредувајќи дека сегашниот систем директно го загрозува транспортниот сектор, туризмот и целокупното стопанство.

error: Содржината е заштитена од копирање !!