АХВ реагираше по видеото со малтретирање кученце
30/01/2026 18:04
Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со Центар за социјални работи Охрид и Министерство за внатрешни работи, спроведоа вонреден инспекциски надзор по објавено видео на социјалните мрежи, во кое родител прикажува дете како малтретира куче.
Од АХВ информираат дека во текот на вчерашниот ден добиле и повеќе иницијативи од граѓани со барање за итна реакција, по што Агенцијата веднаш постапила и извршила контрола на терен.
Со спроведениот надзор е утврдено дека кучето не било идентификувано со микрочип и не било вакцинирано, што е спротивно на законските обврски. Поради овие прекршоци, на сопственикот ќе му биде изречена соодветна парична казна.
Како инспекциска мерка поради нарушена благосостојба на животното, малтретираното куче е одземено од сопственикот. Надлежните институции најавуваат понатамошно постапување согласно своите ингеренции, со цел заштита на животното и утврдување на одговорност.
Од АХВ апелираат граѓаните да продолжат да пријавуваат случаи на занемарување или малтретирање животни, нагласувајќи дека заштитата на благосостојбата на животните е законска обврска и заедничка одговорност.





