„Едногласноста нè кочи“: ЕУ размислува за укинување на ветото во надворешната политика
30/01/2026 10:36
Европската Унинија ја разгледува можноста за укинување на правото на вето во областа на надворешната и безбедносната политика, особено кога станува збор за одлуки поврзани со Русија, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас.
Како што пренесуваат западните медиуми, Калас оцени дека сегашниот систем на едногласно донесување одлуки сериозно ја забавува Европската Унија во моменти кога се потребни брзи и решителни реакции.
„Затоа мора да размислиме како да ги направиме нашите процедури поефикасни. Исто така, мора да се осмелиме да го разгледаме постепеното проширување на квалификуваното мнозинство во заедничката надворешна и безбедносна политика“, изјави Калас, пренесува Гардијан.
Според неа, преминот од едногласно гласање кон модел со квалификувано мнозинство би ѝ овозможил на Унијата побрзо да реагира во кризни ситуации, да носи поодлучни санкции и да ја зајакне својата улога на глобалната политичка сцена.
Дебатата повторно се интензивира откако во декември Политико објави дека неспособноста на ЕУ да постигне договор за конфискација на руските средства може да има „катастрофални последици“, токму поради блокади од поединечни земји-членки.
Прашањето за укинување или ограничување на ветото се смета за едно од најчувствителните институционални прашања во ЕУ, бидејќи директно задира во суверенитетот на земјите-членки, но во исто време сè почесто се посочува како неопходен чекор во услови на геополитички кризи и војни.






