Царинската управа лани поднела 213 кривични пријави до ОЈО и ОЈО ГОКК
04/02/2026 14:41
Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги во рамки на Царинска управа во текот на минатата година поднело вкупно 213 кривични пријави против 443 физички и 160 правни лица до Основно јавно обвинителство и Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Во 196 предмети е утврдена директна штета врз Буџетот на државата во износ од 102 милиони денари. Споредбено со 2024 година, бројот на кривични пријави е зголемен за повеќе од двојно – тогаш биле поднесени 91 пријава, при што дури 80 проценти од пријавите во 2025 година биле евидентирани од октомври наваму.
По вид на кривични дела, за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги биле поднесени седум кривични пријави, за криумчарење 40, за царинска измама 39, за фалсификување исправа 85, како и седум пријави за недозволено тргување со оружје. Дополнително, биле поднесени пријави и за злоупотреба на службена положба и овластување, вршење меѓународен јавен превоз без лиценца и избегнување плаќање акциза.
Особено загрижува податокот дека 103 кривични пријави се однесуваат на кривични дела сторени со вкупно 232 возила, кои биле предмет на истраги и постапки.
Во рамки на предистражните дејствија против економски криминал, биле испратени 450 барања до странски служби за проверка на докази за потекло, при што во 223 случаи било утврдено дека доказите се невалидни. Исто така, биле извршени и 71 проверка на увозни фактури со странски институции.
Службата за финансиски истраги отворила 15 финансиски истраги против 19 физички и девет правни лица, со цел откривање и конфискација на нелегално стекнат имот и дестабилизација на криминалните мрежи.
Од Царинската управа порачуваат дека засилените контроли и истраги ќе продолжат и во наредниот период, со цел ефикасна борба против криминалот и заштита на финансиските интереси на државата.





