MKinformer

your daily dose of news

МО демантира: Шугата кај војниците не потекнува од касарната во Велес

09/02/2026 16:48

Во врска со неодамнешните информации за појава на инфективната болест шуга (scabies) кај професионални војници, Министерство за одбрана на Република Северна Македонија соопшти дека зараза не потекнува од касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес, како што беше пласирано во јавноста.

Од Министерството апелираат да не се злоупотребува поединечен случај за манипулирање со јавноста, нагласувајќи дека на тој начин се нанесува директна штета на угледот на Армијата. Како што појаснуваат, шугата може да се добие исклучиво преку директен контакт со заразено лице или преку користење на постелнина, пешкири и други предмети кои претходно ги користело заразено лице.

Пред приемот на професионалните војници во касарната во Велес, било извршено комплетно уредување и дезинфекција на просториите, а на војниците им била обезбедена чиста и испрана постелнина и ќебиња, информира МО.

Во меѓувреме, Армијата на Република Северна Македонија и Воено-медицински центар, согласно здравствените протоколи, презеле низа мерки за спречување на евентуално ширење на болеста. Спроведен е стручен епидемиолошки надзор, извршена е целосна дезинфекција на спалните простории, заменета и испрана постелнината, како и дезинфекција на перници, ќебиња и душеци.

Сите војници кои биле во контакт со заразените лица се испратени на превентивни прегледи и се информирани за симптомите на болеста, со јасни насоки при појава на кожни промени веднаш да се јават кај лекар. Досега се регистрирани четири лица, на кои им е пропишана соодветна терапија, соопшти МО.

Од Министерството посочуваат дека во оваа касарна, како и во останатите центри за обука, АП Криволак, ЦО Пепелиште и Кампот за обука на вода, на годишно ниво престојуваат голем број припадници на домашни и сојузнички армии, без претходно да биде регистриран ваков случај.

МО потенцира дека во континуитет работи на подобрување на условите и стандардите во Армијата, при што за 2026 и 2027 година се предвидени 41,3 милиони денари за реконструкција, санација и тековно одржување на објектите.

error: Содржината е заштитена од копирање !!