MKinformer

your daily dose of news

Синдикат алармира: Лоши услови во касарните по појавата на шуга

08/02/2026 21:34

По информацијата дека кај двајца новопримени професионални војници во велешката касарна Алексо Демниевски – Бауман е констатирана шуга, со остра реакција се огласи Независен синдикат на професионални војници, кој предупредува на сериозно нарушени услови за живот и работа во дел од воените објекти низ државата.

Од синдикатот наведуваат дека случајот во Велес не е изолиран и дека и во минатото имало слични ситуации кои, според нив, не добиле соодветно внимание од јавноста. Во соопштението се посочува дека професионалните војници се соочуваат со несоодветни услови за сместување, стара и необновена постелнина, перници и ќебиња, како и простории со влага и појава на инсекти.

Дополнително, синдикатот алармира и за нехигиенски услови при сервирање на храната, користење стар прибор, недоволен квалитет и разновидност на оброците, како и нереновирани санитарни јазли. Како долгогодишни проблеми се наведуваат и прекини на електрична енергија и користење техничка вода во одредени објекти.

Претседателот на синдикатот, Александар Насковски, оценува дека военото раководство и досегашните министри за одбрана не покажале доволна грижа за условите во кои престојуваат професионалните војници. Според него, се инвестира во реновирање на простории за офицери, додека објектите наменети за војниците остануваат во лоша состојба.

Од синдикатот нагласуваат дека со зголемувањето на буџетот за одбраната, согласно обврските кон НАТО, приоритет треба да биде грижата за човечкиот фактор, односно подобрување на условите за работа и живот, а не исклучиво набавка на нова опрема.

Во реакцијата се упатуваат и критики кон министерот за одбрана Владо Мисајловски, со обвинувања за недостиг на социјален дијалог и игнорирање на барањата на војниците. Како дополнителни проблеми се наведуваат отсуството на покачување на платите во последните три години, појава на дискриминација и мобинг, како и зголемен одлив на кадар од Армијата.

Синдикатот најавува дека и во наредниот период ќе продолжи јавно да информира за состојбите во Армија на Република Северна Македонија.

Претходно, од Армијата и Министерство за одбрана информираа дека двајца професионални војници од касарната во Велес се заразени со шуга и дека станува збор за дел од 296 нови војници кои положиле свечена заклетва на 16 јануари.

error: Содржината е заштитена од копирање !!