MKinformer

your daily dose of news

Парите на Македонците и Албанците да не се мешаат: Таравари најавува барање за Фискална конфедерација или федерација

10/02/2026 14:35

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, во интервју за поткастот Rashtazi на медиумот Коха најави дека партијата наскоро ќе излезе со предлог за нов договор за односите меѓу Македонците и Албанците во земјата.

Таравари изјави дека овој концепт го опишува како фискална конфедерација или федерација, но потенцираше дека не станува збор за територијална поделба.
„Наскоро ќе го промовираме нашиот нов договор за односите меѓу двата етникума што живеат во Македонија. Главниот столб на нашата следна кауза ќе биде децентрализацијата – фискална конфедерација или федерација, не територијална“, изјави Таравари.

Според него, ваквиот модел би значел поголеми овластувања и повеќе финансиски средства за општините, со што локалната самоуправа би добила значително посилна улога во управувањето и развојот.

Таравари, сепак, не навлезе во детали околу тоа како конкретно би функционирала предложената конфедерација или федерација, ниту како би се спроведувал моделот во рамките на постојниот уставно-правен поредок на Република С. Македонија.

Неговата најава веќе предизвика реакции и дебата во јавноста, со оглед на чувствителноста на темите поврзани со уставниот модел, меѓуетничките односи и децентрализацијата во државата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!