„Монструми ми ги следат децата“, Трендафилов бара кривична одговорност
11/02/2026 14:32
Претседателот на Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, на денешната прес-конференција побара кривичен прогон за лицата кои, според него, ги следеле неговите деца, како и одземање на пратеничкиот имунитет на Дафина Стојановска, која го објави видеото со неговите деца.
Трендафилов истакна дека станува збор за сериозен случај и дека во „нормална држава Владата паѓа за вакви настани“. Тој упати апел до Јавното обвинителство да покаже дека правдата важи подеднакво за сите.
„Го прашувам министерот Панче Тошковски, дали службите ме следат мене и моите деца?“, изјави Трендафилов, додавајќи дека ваквите активности, според него, траат повеќе од една година.
Претседателот на ССМ најави и нова блокада, овој пат пред зградата на Сојуз на стопански комори на Македонија, како продолжение на синдикалните активности.
Од ССМ посочуваат дека ќе продолжат со притисокот сè додека, како што велат, институциите не постапат и не се расчистат сите околности поврзани со случајот.




