MKinformer

your daily dose of news

Министрите за одбрана на НАТО се собираат во Брисел

12/02/2026 11:16

Министрите за одбрана на земјите членки на НАТО денеска одржуваат состанок во Брисел, на кој главни теми ќе бидат одбраната на Европа и натамошната поддршка за Украина. Средбата се одвива во време кога европските сојузници се соочуваат со зголемен притисок да преземат поголема одговорност за сопствената безбедност, додека приоритетите на САД се насочуваат кон други региони.

Состанокот следува по најавата на НАТО дека го засилува своето присуство на Арктикот и во околните области, по спорот околу Гренланд кој предизвика тензии меѓу САД и дел од европските партнери, пренесе ДПА.

Американскиот претседател Доналд Трамп во повеќе наврати изјави дека не ја исклучува можноста за анексија на Гренланд, остров под администрација на Данска, образложувајќи дека во спротивно Русија или Кина би можеле да го зголемат своето влијание во регионот.

Според најавите, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет нема да присуствува на состанокот, туку ќе биде претставуван од подсекретарот Елбриџ Колби. Ова е вторпат висок американски функционер да пропушти средба на НАТО на високо ниво во последните месеци, откако државниот секретар Марко Рубио не учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи во декември.

Минатогодишниот настап на Хегсет предизвика реакции меѓу сојузниците, откако тој упати критики за ниските европски трошоци за одбрана и зависноста од САД, а воедно изрази резерви во однос на идното членство на Украина во Алијансата.

Во делот посветен на Украина, за првпат на состанокот ќе учествува украинскиот министер за одбрана Михаило Федоров, кој функцијата ја презеде во јануари.

По официјалниот состанок на НАТО, Германија и Велика Британија ќе претседаваат со дополнителна средба на најблиските сојузници на Украина, со цел обезбедување нови ветувања за воена поддршка.

Средбата во Брисел се смета за клучна во контекст на безбедносните предизвици во Европа и идната динамика на трансатлантските односи.

error: Содржината е заштитена од копирање !!