Цвета Ристовска поднесе неотповиклива оставка од ДКСК
13/02/2026 16:23
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Цвета Ристовска, денеска до претседателот на Собранието, Африм Гаши, поднесе неотповиклива оставка од функцијата.
Во писменото образложение, Ристовска наведува дека одлуката ја донела по повеќенеделните јавни полемики и сомнежи поврзани со нејзината работа во Комисијата.
„По недели јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со мојата работа во Државната комисија за спречување на корупцијата, донесов одлука да поднесам неотповиклива оставка од функцијата член“, стои во нејзината изјава.
Таа посочува дека во текот на целата своја професионална кариера, вклучително и ангажманот во Комисијата, работела законито и совесно. Ристовска изразува жалење доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, придонеле за создавање неосновани сомнежи во јавноста.
Дополнително нагласува дека во сите случаи каде што постоела можност за потенцијален судир на интереси, побарала изземање согласно законските прописи и дека немала намера да прикрие каква било информација.
„Убедена сум дека секој што извршува јавна функција мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет“, наведува Ристовска, посакувајќи ѝ на Комисијата успешна и професионална работа во служба на јавниот интерес.
Оставката ќе биде разгледана согласно собраниските процедури.






