Антикорупциска отвори постапка против сопствена членка на ДКСК
03/02/2026 18:27
Државна комисија за спречување на корупцијата започна постапки за проверка на можен судир на интереси и прикривање имот против својата членка Цвета Ристовска.
Според достапните информации, истрагата е фокусирана на финансирањето на изборните кампањи во 2024 година, при што фирмата Буст ДООЕЛ, која е во сопственост на еден од синовите на Ристовска, инкасирала по 35.000 евра од кампањите на Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Дафкова.
Случајот е спорен бидејќи токму Антикорупциската комисија е институцијата надлежна за контрола и надзор на финансирањето на изборните кампањи, што отвора сомнежи за потенцијален судир на интереси.
Дополнително, Ристовска се сомничи дека во анкетниот лист не навела дека нејзините двајца синови поседуваат маркетинг агенции, што претставува можен пропуст во пријавувањето на имотната состојба.
Од своја страна, Ристовска ги отфрла сите обвинувања. Таа тврди дека нејзините деца не живеат во заедничко домаќинство со неа уште од 2017 година и дека нивните деловни активности се целосно независни од нејзината функција. Ристовска нагласува дека секогаш бара изземање од одлучување во случаи кога постои ризик од судир на интереси.
Постапката е во тек, а конечните наоди на ДКСК ќе покажат дали постојат основи за понатамошни мерки.






