Дански фонд купил 250 станови во Скопје, цел му се 1000
14/02/2026 11:50
Данскиот инвестициски фонд „Ваексткапитал груп“ веќе купил 250 станови во изградба на атрактивни локации во Скопје, а до крајот на годинава планира да обезбеди уште најмалку толку, потврдија од фондот за телевизија Телма.
Од таму информираат дека стратегијата е во краток временски период портфолиото да достигне најмалку 1.000 станови на пазарот во главниот град. Сепак, од фондот не прецизираат дали становите ќе бидат наменети за продажба или за издавање.
Според информациите објавени од Телма, данските инвеститори соработуваат со повеќе локални агенции за недвижности, како и директно со инвеститори на станбени објекти.
Карактеристично е што становите се купуваат во рана фаза на изградба – уште при ископани темели, што овозможува пониска набавна цена во споредба со вредноста кога објектите ќе бидат целосно завршени.
Иако во јавноста се шпекулира за идентитетот на фондот, повеќемина соговорници од Скопје не сакале да откријат детали, повикувајќи се на договори за доверливост. Сепак, уверуваат дека станува збор за дански инвестициски капитал.
Овој потег отвора прашања за влијанието на странските фондови врз пазарот на недвижности во Скопје, особено во услови на растечки цени и зголемена побарувачка за станбен простор.


