MKinformer

your daily dose of news

Панчевски со кривична пријава против Советот на јавни обвинители

18/02/2026 11:54

Кандидатот за државен јавен обвинител Владимир Панчевски, кој не доби позитивно мислење од Совет на јавни обвинители на Република Македонија, најави дека ќе поднесе кривична пријава против членовите на Советот поради, како што наведува, злоупотреба на службена положба и овластување.

Панчевски објави дека врз основа на член 272 од Законот за кривична постапка поднесува кривична пријава до Министерство за внатрешни работи и до Јавно обвинителство на Република Северна Македонија против десет членови на Советот, меѓу кои претседателот Башким Бесими и заменик-претседателката Марјана Илиеска, како и останати членови на телото.

Во својата објава, Панчевски наведува дека членовите на Советот постапиле спротивно на член 62 став 1 алинеја 1 од Законот за јавно обвинителство при разгледувањето на неговата кандидатура и утврдувањето на посебниот услов за непрекинат стаж од областа на кривичното право.

Според ставот на Советот, кандидатот требало да има најмалку 10 години непрекинат работен стаж во областа на кривичното право, а во конкретниот случај му престанала функцијата пред 13 години и во меѓувреме не бил ниту судија ниту јавен обвинител, поради што стажот не можел да се смета како непрекинат.

Панчевски, пак, тврди дека поседува потврда од Основниот кривичен суд Скопје со која се потврдува дека бил во редовен работен однос како судија од 8 февруари 2008 до 28 јули 2020 година, со вкупен непрекинат судиски стаж од над 12 години.

Дополнително, тој посочува и на наводен судир на интереси кај заменик-претседателката на Советот, Марјана Илиеска, тврдејќи дека таа требало да се изземе од гласањето.

Во објавата, Панчевски го критикува судско-обвинителскиот систем и ги повикува надлежните институции да постапат по пријавата. Од Советот на јавни обвинители засега нема официјална реакција во врска со неговите наводи.

error: Содржината е заштитена од копирање !!