MKinformer

your daily dose of news

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ „избегаа“ од УЧК во собранието

20/02/2026 15:48

Во Собрание на Република Македонија денеска немаше кворум во Комисијата за надворешна политика за да се стави на дневен ред резолуцијата за почитување на стандардите за правична постапка во меѓународното судење на поранешните раководители на косовските институции.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не присуствуваа на седницата, поради што не беше обезбеден потребниот кворум. Резолуцијата беше поднесена од Европскиот фронт предводен од ДУИ и се однесува на судењето во Хаг против Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими.

Опозициските пратеници од албанскиот политички блок оценија дека отсуството е тенденциозно и најавија дека нема да се откажат од иницијативата.

Пратеникот Скендер Реџепи изјави дека станува збор за „организирано отсуство“ со цел да се спречи расправа за чувствителна точка. Според него, резолуцијата има за цел да повика на почитување на меѓународните стандарди за правична постапка.

Реџеп Исмаил од Левица посочи дека и претходно имало случаи кога точки не биле ставени на дневен ред поради недостиг на политичка волја, споменувајќи ја декларацијата за Палестина.

Претседателот на Комисијата, Муса Џафери, изјави дека нема право на вето и дека точките се ставаат на дневен ред согласно деловничките процедури, но без кворум седницата не може да се одржи.

Илире Даути од Алијансата за Албанците оцени дека резолуцијата има за цел да испрати порака за поддршка на, како што рече, „правична постапка“, додека пратеничката Рина Ајдари од Европскиот фронт го оцени отсуството како политички мотивирано.

Од друга страна, дел од пратениците посочија дека за чувствителни прашања од ваков карактер е потребна поширока политичка согласност.

И додека албанските партии реагираат на блокадата на оваа резолуција, веќе подолг период Комисијата за социјална политика е блокирана поради несогласувања околу законот за бранителите.

Политичките тензии околу ова прашање најавуваат продолжување на дебатата во наредниот период.

error: Содржината е заштитена од копирање !!