18 приведени за една ноќ: Пијан возач нападнал полицаец, камен пијан без возачка, возел 200км на час дел од прекршоците
22/02/2026 21:01
Возење под дејство на алкохол, управување без возачка дозвола, екстремно надминување на дозволената брзина и напад врз службено лице – ова се дел од прекршоците што полицијата ги евидентирала во текот на ноќта меѓу 21 и 22 февруари.
На ниво на целата држава, од слобода биле лишени вкупно 18 лица.
Акциска контрола во Скопје и Куманово
Од 22:00 до 04:00 часот, Министерство за внатрешни работи преку Мобилната единица за безбедност на сообраќајот спроведе специјална акција на подрачјето на Скопје и Куманово.
Во рамки на контролата биле изречени 15 санкции – осум за возење под дејство на алкохол и седум за други прекршоци. Едно лице е уапсено поради кривични дела „безобѕирно управување со моторно возило“ и „напад врз службено лице“.
Возел 203 км/ч на автопат
Меѓу приведените е и државјанин на Србија кој на автопат со дозволена брзина од 120 километри на час се движел со 203 км/ч.
Полицијата истакнува дека ваквото екстремно надминување на брзината претставува сериозна опасност за сите учесници во сообраќајот.
Малолетник без дозвола се обидел да избега
Во Тетово, 16-годишник управувал возило без возачка дозвола и, при обид да избега од полициска контрола, оштетил електричен ормар на ЕВН и се обидел да удри полициски службеници.
Покрај него, без дозвола управувале и лица од Скопје, Велес и Кавадарци.
Пијани возачи и нерегистрирани автомобили
Седум возачи биле затекнати под дејство на алкохол во повеќе градови – Свети Николе, Кочани, Прилеп, Куманово, Богданци, Охрид и Скопје.
Дополнително, полицијата евидентирала случаи на управување нерегистрирани возила без возачка дозвола во Гостивар и Скопје.
Особено загрижувачки е случајот од Македонски Брод, каде едно лице истовремено возело пијано и без возачка дозвола.
Апел за почитување на правилата
Од МВР упатуваат апел до граѓаните строго да ги почитуваат сообраќајните прописи и најавуваат продолжување на засилените контроли.
„Возењето под дејство на алкохол и без дозвола директно ја загрозува безбедноста на сите учесници во сообраќајот“, порачуваат од полицијата.





