Дали Груби ќе оди во Шутка или во куќен притвор? – По шест часа распит Груби спроведен до судот, се очекува одлука
23/02/2026 20:15
Поранешниот вицепремиер Артан Груби денеска беше изведен пред суд, откако претходно помина околу шест часа на распит во скопското Обвинителство. И покрај бројните новинарски прашања, тој не даде изјава ниту објаснување за причините за неговото враќање во земјата.
Груби беше изнесен од Обвинителството со лисици на рацете, придружуван од затворска полиција, по што со полициско возило беше пренесен кон судската зграда. И таму остана без коментар пред медиумите.
Одлука за мерките
Се очекува тој да биде сослушан пред судија на претходна постапка, кој ќе одлучи дали ќе му биде определен притвор или некоја од поблагите мерки, како куќен притвор или други ограничувања. Засега од Обвинителството нема официјална потврда дали ќе се бара ефективен притвор, особено имајќи предвид дека осомничениот сам се врати во државата, а истрагата е веќе завршена.
За што е осомничен?
Случајот се однесува на сомнежи дека како претседавач на владина седница одобрил јавна набавка на ВЛТ-терминали за Државна лотарија, иако институцијата немала законска надлежност самостојно да организира игри на среќа. Во предметот, тој се гони за кривично дело „проневера во службата“.
Постапката беше отворена откако Стејт департмент на САД го стави Груби на т.н. „црна листа“, поради сомнежи за корупција и влијание врз судски процеси поврзани со поранешниот директор на тајните служби Сашо Мијалков.
Што следува?
Судијата ќе треба да процени дали постои ризик од бегство или можност за влијание врз постапката, врз основа на што ќе одлучи за понатамошниот тек на мерките против поранешниот функционер.
Груби во изминатиот период беше дел од владината коалиција на СДСМ и ДУИ, како прв вицепремиер и министер за политички систем, а во повеќе наврати ја извршуваше и функцијата претседавач со Владата.






