Дачиќ излезе од болница: Вучиќ го посети пред заминувањето
10/03/2026 21:59
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска излезе од болница каде што беше хоспитализиран поради тешка билатерална пневмонија.
Веста ја соопшти самиот Дачиќ преку објава на Инстаграм, во која им се заблагодари на сите за поддршката и испрати порака до граѓаните да не го занемаруваат здравјето.
„Ви благодарам на сите. Би ги замолил сите да го чуваат своето здравје, ќе ја искористам позицијата која ја имам за сите луѓе да ги поттикнам на контрола на личното здравје“, напиша Дачиќ.
Непосредно пред да ја напушти болницата, него го посети српскиот претседател Александар Вучиќ.
Ивица Дачиќ итно хоспитализиран: Српскиот министер со двојна пневмонија во тешка состојба?
Дачиќ беше хоспитализиран на 25 февруари, кога поради сериозно нарушена здравствена состојба итно беше примен на лекување. Лекарите му дијагностицирале тешка билатерална пневмонија, а според информациите, во еден период бил поврзан и на апарати.
Дополнителна загриженост предизвикал и фактот што Дачиќ има дијабетес, како и други придружни заболувања, што дополнително ја усложнило неговата состојба.
По неколкунеделно лекување, неговата здравствена состојба е стабилизирана, а со излегувањето од болница заврши една од потешките епизоди во неговото лекување.






