MKinformer

your daily dose of news

Директорот на Шутка: „Затворот Скопје не е мексикански картел, можеме да ја гарантираме безбедноста и на Артан Груби“

24/02/2026 17:18

Утковски тврди дека никој официјално не побарал мислење од него за безбедносната проценка, додека Обвинителството образложи дека куќниот притвор е поради проценка на МВР и АНБ.


Директорот на Истражниот затвор „Скопје“ во Шутка, Бобан Утковски, остро реагира на одлуката поранешниот вицепремиер Артан Груби да заврши во куќен притвор поради наводна безбедносна проценка дека не е сигурен во затворските услови.

„Безбедноста овде е на прво место. Не е само притворското одделение во Шутка, има и во Куманово, Гевгелија и Битола. Од мене не е побарано написмено да се произнесам за безбедноста на лицето Артан Груби. За МВР и АНБ не знам. За мене сето ова е произволно“, изјави Утковски.

Тој потенцира дека затворот „Скопје“ ги исполнува сите безбедносни стандарди и категорично ги отфрла наводите дека не може да се гарантира личната безбедност на притворени лица.

Нека дојде кој сака и да каже кои параметри затворот „Скопје“ не ги задоволува. Кои се тие безбедносни критериуми што ние не ги исполнуваме? Не е точно дека не може да се гарантира личната безбедност на Груби. Со сиот свој интегритет гарантирам дека максимално е загарантирана безбедноста на секој еден штитеник, дури и на Груби. Затворот „Скопје“ не е мексикански картел“, рече Утковски.

Од друга страна, Обвинителството денеска соопшти дека предлогот за куќен притвор бил даден врз основа на проценка од МВР и АНБ дека Груби не би бил безбеден во притвор.

Случајот отвора прашања за координацијата меѓу институциите и критериумите врз основа на кои се носат вакви безбедносни проценки, особено кога станува збор за високи поранешни функционери.

error: Содржината е заштитена од копирање !!