10.000 денари субвенција за возачка: Ѓорче Петров со поддршка за младите
27/02/2026 11:52
Општина Ѓорче Петров воведува субвенции од 10.000 денари за покривање дел од трошоците за полагање возачки испит од Б категорија, наменети за млади лица на возраст од 18 до 25 години.
Одлуката е донесена од Советот на општината, а градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека станува збор за реализација на предизборно ветување и директна инвестиција во младите.
„Ова не е само финансиска поддршка. Ова е вложување во нивната самостојност, мобилност и сигурна иднина“, порача Стојкоски.
Тој додаде дека во услови кога трошоците за живот се зголемени, секоја поддршка за младите е значајна.
„Во време кога секој трошок е значаен, општината застанува рамо до рамо со младите. Продолжуваме со политики што носат реална поддршка и вистинска грижа“, истакна градоначалникот.
Очекувањата се дека мерката ќе им помогне на младите полесно да стекнат возачка дозвола, што претставува важен чекор кон поголема самостојност и подобри можности за вработување.






