ЕТУЦ со силна поддршка за ССМ: „Притисоците врз синдикатите се неприфатливи“
28/02/2026 14:50
Европска конфедерација на синдикати (ЕТУЦ) изрази целосна солидарност и силна поддршка за Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ), неговото раководство и сите синдикални членови, по информациите за притисоци и напади насочени кон синдикалното движење.
Во писмото упатено до претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, и до членовите на ССМ, ЕТУЦ наведува дека внимателно ги следи случувањата и дека е сериозно загрижена од извештаите за лично таргетирање и заплашување на синдикални лидери и нивните семејства.
„Вашите напори за одбрана на работничките права, за фер минимални плати, соодветно зголемување на платите и зајакнување на колективното договарање се целосно легитимни и од големо значење“, се наведува во писмото.
ЕТУЦ потенцира дека слободата на здружување, колективното договарање и правото на синдикална акција, вклучително и штрајк, се фундаментални права загарантирани со конвенциите на Меѓународната организација на трудот и европските инструменти за човекови права.
„Ваквите дејствија се апсолутно неприфатливи и некомпатибилни со демократските принципи“, се додава во пораката, потпишана од генералната секретарка на ЕТУЦ, Естер Линч, и конфедералната секретарка Теа Јарц.
Од Европската конфедерација на синдикати најавуваат дека ќе продолжат внимателно да ја следат ситуацијата и, доколку е потребно, ќе изразуваат загриженост на европско ниво.
Поддршката од ЕТУЦ доаѓа во период кога синдикатите во земјава бараат подобрување на работничките права и зголемување на платите во услови на растечки трошоци за живот и економска неизвесност.







