MKinformer

your daily dose of news

ССМ: Следно е блокада на пратениците, да не можат да дојдат со кола на работа

30/01/2026 15:42

Претседателот на Сојуз на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, јавно ја повика Владата да испрати свој претставник в понеделник во просториите на ССМ, со цел да се потпише Колективен договор за зголемување на платите во јавниот сектор за 40 проценти.

Трендафилов посочи дека Синдикатот бил неоправдано обвинуван од страна на владејачките структури дека е виновен што не дошло до зголемување на платите. Тој нагласи дека ССМ е подготвен веднаш да го потпише договорот и да се реализира барањето на работниците.

Од ССМ изразија задоволство од масовниот одѕив на големиот работнички протест што се одржа во средата, но најавија дека борбата продолжува. Трендафилов информираше дека в понеделник ќе биде соопштен точниот ден и начинот на блокада на пратениците од Собрание на Република Македонија, што ќе биде првата активност по протестот.

„Пратениците ќе бидат првите што ќе ги блокираме, затоа што тие цела година нè блокираат нас. Ќе дојдат пеш или со автобус, како што доаѓаат работниците. Тој ден ќе останат и без патни трошоци, и тоа најмногу ќе ги боли“, рече Трендафилов.

Во однос на изјавите од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски дека нема зголемување на платите поради Синдикатот, Трендафилов истакна дека тоа е апсурдно и повтори дека Владата е добредојдена в понеделник во 9 часот за потпис на колективниот договор.

Тој јавно проговори и за притисоци и закани врз работници и синдикални претставници, посочувајќи ги случаите во Македонска пошта и Тутунски комбинат Прилеп, како и улогата на Конфедерација на слободни синдикати. Трендафилов најави дека ќе објави и имиња на директори на јавни претпријатија кои вршеле притисок, откако ќе добие официјални потврди.

Претседателот на ССМ го повика и Трудов инспекторат да постапи во случајот со Македонска пошта, каде, како што рече, бил формиран „итен синдикат“ пред протестите и биле вршени притисоци врз членови на ССМ.

На крај, Трендафилов реагираше и на изјавите на гувернерот на Народна банка, Трајко Славески, за растот на платите, порачувајќи дека додека работниците се борат за минимална плата од 600 евра, платите на функционерите растат без проблем.

error: Содржината е заштитена од копирање !!