Сиљановска-Давкова: Караман станува првото признато македонско овчарско куче со самостојно национално потекло
03/03/2026 10:49
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова синоќа се сретна со претседателот на Кинолошки клуб „Македонско овчарско куче Караман“, Илија Каров, по повод условното впишување на расата Караман во регистрите на Светска кинолошка федерација (FCI).
Со ова, Караман стана дел од семејството на над 380 признати раси кучиња во светот, што претставува значаен чекор во меѓународната афирмација на ова автохтоно македонско овчарско куче.
На средбата било истакнато дека станува збор за резултат на повеќегодишна посветена работа. Каров нагласил дека Караман не е само ново име во меѓународните регистри, туку симбол на истрајност, љубов и визија, вложувани повеќе од две и пол децении во зачувување и промоција на расата.
Во објава на социјалните мрежи, претседателката изрази благодарност до сите одгледувачи и поддржувачи кои придонеле за овој успех.
„Караманката во мојот дом секојдневно потврдува дека станува збор за куче со изразен заштитнички инстинкт кон домот и семејството. Меѓународното признание е поттик за понатамошна грижа и поддршка во насока на трајно меѓународно признавање на расата“, се наведува во објавата.
Со условното впишување во регистрите на FCI, Караман станува првото признато македонско овчарско куче со самостојно национално потекло, што дополнително ја потврдува земјата како држава со богато и автентично кинолошко наследство.






