Ревизија откри скандал: исчезнати лаптопи, плати без присуство и гориво за непознати возила
04/03/2026 10:26
Државниот завод за ревизија при ревизија на работењето на Министерство за односи меѓу заедниците за 2024 година утврдил сериозни неправилности, меѓу кои исчезнати материјални средства, исплата на плати без евиденција за присуство на работа и трошоци за гориво за возила кои не се во сопственост на Министерството.
Ревизорите изразиле неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеноста со законската регулатива.
💻 Исчезнати 30 лаптопи и непронајдени средства
При ревизијата било утврдено дека 28% од основните средства, со вредност од околу 1,56 милиони денари (околу 25.360 евра), не биле пронајдени при годишниот попис.
Дополнително, 30 преносни компјутери не биле пронајдени, што според ревизорите е резултат на невоспоставена пракса за задолжување на вработените со опремата преку реверси.
Исто така:
-
За седум службени возила нема сметководствена и материјална евиденција.
-
За 2,1 милион денари побарувања од вработени нема документација кој должи и во кој износ.
💰 Плати исплаќани без доказ за присуство
За исплата на плати и надоместоци за 244 вработени биле потрошени 165 милиони денари.
Но, за 150 вработени (61%) платите биле исплаќани без доказ за присуство на работа, иако во институцијата постои електронска евиденција на работното време.
⛽ Гориво точено во непознати возила
Ревизорите утврдиле дека за гориво биле потрошени 516 илјади денари, без контрола на регистарските таблици на возилата.
Тоа овозможило:
-
гориво да се точи во возила кои не се сопственост на Министерството,
-
како и набавка на течен нафтен гас, кој не бил предвиден во договорот.
📑 Неправилности и во јавните набавки
Во дел од постапките за јавни набавки ревизорите утврдиле сомнително ниски понуди, како:
-
0,01 денар за 1 работен час за сервисирање возила
-
0,01% провизија за угостителски услуги
Комисиите не побарале дополнително објаснување за овие понуди.
Во некои случаи:
-
биле фактурирани делови што не се во тендерската документација,
-
цените биле неколку пати повисоки од договорените,
-
а за услугите немало работни налози.
🏛 Проблеми и со распределбата на средства за здруженија
Во 2023 година 33 здруженија и фондации добиле 19,8 милиони денари (околу 320.900 евра).
Но:
-
17 од нив (51%) треба да вратат средства затоа што не доставиле доказ за трошење.
-
Дел од документацијата била доставена само на албански јазик без превод, што е спротивно на Законот за употреба на македонскиот јазик.
🔎 Дел од проблемите се решаваат
Од ДЗР посочуваат дека по промената на раководството во 2024 година се преземени активности за надминување на дел од констатираните слабости, додека за одредени случаи постапуваат и други надлежни институции.






