Ноќеска уапсен скопјанец во Кисела Вода пукал кон сопругата и им се заканувал на своите три ќерки
06/03/2026 11:30
Полицијата уапси 55 годишен скопјанец по сериозен инцидент со семејно насилство што се случил ноќеска во скопската населба Кисела Вода.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 06.03.2026 година во 00:40 часот полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Б.С. (55) од Скопје, поради сомнение дека со пиштол пукал кон неговата 48-годишна сопруга, им се заканувал на нивните три ќерки и физички нападнал една од нив.
Настанот, според пријавата, започнал на 01.03.2026 година по претходна расправија во семејниот дом. Во текот на конфликтот, осомничениот испукал еден куршум од пиштол, кој завршил во прозорецот од куќата.
Потоа се упатил кон неговите ќерки на возраст од 24 и 18 години, при што им се заканувал, а физички ја нападнал 24-годишната ќерка.
Како што информира полицијата, насилното однесување било повторено и на 05.03.2026 година околу 22:30 часот. Тогаш осомничениот повторно се заканувал со пиштол кон сопругата, но бил спречен од ќерките да го употреби оружјето.
Б.С. во моментов е задржан во полициска станица, а по целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.




